Во Гинимаале улиците се со имињата на најголемите херои и војводи како Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Методи Патчев, Пере Тошев, Даме Груев… Шетајки се таму по Даме Груев од едното до другото сретсело, поминувајки по улицата затскриени од големи авлии со големи порти, со дрва, гранки и лисја се наоѓаат едни од најстарите македонски училишта во Битола.

 

Првото училиште е во близина на горното сретсело а другото, кај долното сретсело. Има некои стари кажувања дека едното било машко а другото женско училиште.
Според Еничерев уште во раниот 19ти век како потреба на Битолските првенци во едно од тие училишта било отворено првото македонско училиште кое точно било во областа Јенимаале ( Ѓ.Д.Цолев книгата”Училиштата во Битола” ).


Годините точно не се знаат,податоците се многу оскудни, од истражувањата со сегашното тамошно население не успеавме да дознаеме ништо повеќе, само тоа дека тие некогаш биле училишта.
Училиштето имало една голема соба и располагало со 5, 6 расклатени клупи. Во него учеле 30-35 ученици а учител им бил таткото на Рајко Жинзифов стариот Ѕинѕифа.
Според Ѓорги Поп Христов Битолските првенци успеале да добијат право од тогашниот грчки Владика за отворањето на ова училиште (или со поткуп или заради тоа што тој бил замерен со Егзархијата).
Училиштето било во куќата на Никола Кујунџиски. Први ученици се споменуваат Стево Мицев од Генимаале, Нико Ангеле,Ѓорги и други кои пред отворањето учеле во грчко училиште.Во училиштето имало само едно столче, мангалче и рогузинче.


Исто така според Андреј Тошев, Симеон Радев, Бојан Пенев во своите книги забележуваат дека таткото на Жинзифов, Ѕинѕифа е учител во училиштето. Како година ја наведуваат 1863 г.
Ѓорги Поп Христов како зет на ќерка на првиот ученик Стево Мицев имал најточни податоци за првото народно училиште.Во 1868/9 г. Генимаале броело околу 500 куќи.Отаму бил избркан учителот кој предавал грчки, а училиштето го затвориле се додека не добиле учител кој ќе предава македонски. Во 90тите години од 19ти век учителите започнуваат движења за национално ослободување.
Учителите во Битола, битолската машка гимназија, кои некогаш можи биле и учители во овие две училишта во Јенимаале, на чело со Даме Груев заедно со Лука Џеров, Неделко Дамчев, Никола Дуртанчев, Никола Кочов и некои други го оформува тајниот револуционерен кружок “Дружба” и се судруваат со архимандритот Козма кој ја осуети нивната цел.


Овие учители заедно со група прогресивни граѓани се и првиот месен комитет на ВМРО оформен во Битола (1894 г.), кој е зачетокот на Mакедонското револуционерно организирање и движење во ослободувањето на Македонија.
Најстарите битолски училишта заслужуваат повеќе да бидат откриени. Заслужуваат да бидат реновирани и реставрирани, нивната мистична убавина да биде подостапна за сите нас. Така ќе остани зачувана историјата која ни ги дава почетоците на нашето постоење и културолошко издигнување со што ќе ни се дополни таа нишка во нашата историја која ни фали- нишка која сакаа а не успеаја да ни избришат и уништат-почетокот на македонскиот јазик и писмо во битолските училишта.
Додека сите тие досегашни “чувари”- сегашни станари на тие училишта, неколку социјални семејства, да си добијат соодветни стамбени простории каде нормално ќе продолжат да си живеат.