Скарата и пивото, веселото друштво на околните ливади од нашата Битола биле дел од традицијата за одбележување на Денот на Трудот. Низ годините наназад за 1ви Мај низ градот имаше прослава и организирано дефиле од сите работни организации, додека за 2ри се одеше на излет.

Како се менувало времето така се менувале и прославувањата. Од поранешните излети со ќебиња на Тумбе Кафе, Крива Воденица, Бегова чешма, до Кисела Вода, 

Крстоарски манастир, Буковски манастир, ливадите околу Дихово и Ниже Поле и другите потпелистерски села, како и на сам Пелистер, мала и голема ливада. 

Секој на свој начин со најблиските и неколку гајби пиво, домашно припремена и саламурена скара, дотерана со зајрина уште од вечерните саати, ракија отстоена во длабокото и се разбира големи легени и пластични пајнци (како што викаме битолчани) за салатата. 

До пред некое време повеќето пешки или со точаци се упатуваа на крајната дестинација, но сега се е веќе моторизирано и осовременето, дали со нивни возила или веспи, или со некое градско такси и сл. Не се далеку и времињата кога се купуваа и големи батерии за големите системи и касетофони кои ги носевме заедно со нашите помлади друштва. Кој имаше среќа во друштвото ќе си имаа еден со гитара и цел ден ќе свиреше песни по нивна желба и вкус. Се разбира тој најмалку пиво ќе испиеше ама цел ден “главен” ќе беше, а послe тоа и најголем љубовџија. Цена што мораше да ја плати. 

За битолчани како и во цела Македонија до 2006 година 2ри Мај беше денот кога се одеше на излет. До тогаш беа неработни и 1ви и 2ри Мај заедно. Сега се други времиња. Сега повеќето и шетаат за овај празник. Охрид, Грција и Бугарија се крајните дестинации на битолчани, од кои повеќето сеуште ја негуваат долгогодишната традиција со скара и пиво на околните излетнички места. Животот е само еден, кој како милува и нека е само за убо битолчани…