Во моментите кога битолската јавност е во исчекувања на претставувањето на новиот тренер на РК Пелистер, раководството на тимот силно работи околу засилувањата за остатокот од сезоната на ракометната Суперлига.Некогашниот шампион на Македонија овие денови треба да го официјализира трансферот на еден од најнадежните египетски ракометари, Ахмед Мохамед Ради. Се работи за 19-годишен ракометар кој може да игра како среден и лев бек и кој беше предводник на репрезентацијата на Египет на последното Светско првенство до 19 години во Грузија, а впрочем со 39 гола беше и прв стрелец на својата селекција. Неговото претставување пред битолската публика се очекува да биде кон средината на следната седмица.

Досега, оваа зима, пелистерци се засилија само со кружниот напаѓач Костадин Петров од Металург, а во овие моменти во Битола на пробен период е и младинскиот репрезентативен голман на Црна Гора и некогашен член на Вардар Јуниор, Јагош Брауновиќ.

Вториот дел од првенството во Суперлигата ќе започне на стартот на март, а Пелистер со скор од 12 победи и еден пораз е лидер од табелата.

Извор Гол.мк