БОЛНИТЕ САКААТ ПОСЕТИ

Во времето на отец-Јован , во интернатот во Битола бевме (богослови и гимназисти) над 250 ученици. Имајќи го во предвид овој не мал број, неодминлива појава беше сѐ некој од нас да е и потешко болен. Па така, тешко болните беа испраќани во градската Болница, која се наоѓаше во непосредна близина на Богословијата.
Навистина болните сакаат посетување, зашто тоа е утеха за нив. Затоа и Господ Исус Христос оваа должност ја истакнува, покрај другите пет христијански должности, од чие доследно исполнување зависи дали христијанската душа ќе се најде од десната страна на Праведниот Судија во последниот Божји Суд. (Матеј 25, 35-36).
Отец Јован, покрај многуте други свои долности, доброволно ја беше прифатил и оваа обврска: секој ден да посетува болни, а како наоѓаше време и за вакво едностојно задолжение, само тој знаеше.
Посетите на отец Јован во Болницата предизвикуваа радост кај болните, а радоста благотворно влијание на секој унесреќен. Како редовен посетител, него го очекуваа не само болните ученици, туку и другите болни во Болницата. Сведоци сме дека кај потешко болните подолго време се задржуваше, а на некои од нив и молитви им читаше (веројатно по нивно барање).

Самиот осведочен во чудотворната моќ на Свети Наум Охридски, отец Јован со иконата на овој голем светител читаше и се молеше над тешко болни не само во Болницата, туку и по домовите, каде што ќе го повикаа.

(Од иконата на свети Наум Охридски тој не се разделил ниту на својот смртен час! Според житието од Јеромонах Серафим (Роуз) и Игумен Герман (Подмошенски) за Свети Јован Шангајски, нашиот отец Јован (тогаш Архиепископ), пред да тргне од Сан Франциско во Сиетл (каде што починал), од својата домашна црква ги земал со себе иконите на Преподобни Наум Охридски и на Свети Јован Крстител. Без да ја знаат причината за ова, животописците само истакнуваат дека Архиепископ Јован се упокоил во Господа спроти празникот – Свети Наум (19-ти јуни, ст. стил) а бил погребан на празникот -Раѓање на Свети Јован Крстител (24-ти јуни, ст. стил).

Извадок од животот и чудата на свети Јован Шангајски-Битолски

(на сликите е преслекувањето на светите чудотворни нетрулежни мошти на свети Јован Шангајски-Битолски)