“Кај Таки Мумџијата, ноќта меѓу 10 и 11 март, се кријат Витал и Сара Фараџи и Давид Калдерон со жена си Хана. Од овие, последниве двајца, по бегањето во Грција биле депортирани од Лерин и оттаму одведени во логорот на смртта.

Бев дете пет години, сабајлето на 11 март 1943, кога се разбудивме во градот Битола имаше воена блокада.
Роден сум на денешна улица Маркс и Енгелс со број 30 б, карши куќата дедо ми со фамилијата имаше штала со крави, исто така чувавме и прасиња, каде што плевната имаше излез позади музејот Данабаш (денешен ресторан “Корзо”). Имаше излез на денешната улица Елпида Караманди.
Дедото во 7 часот од куќата кај што седевме, сакаше да оди во шталата, каде што требаше да ја нахрани стоката. Бугарската војска и полиција не го пушти да излези од портата од куќата да оди до шталата за да ја нахрани стоката и дедото се врати во куќата.
Истиот ден околу 14 часот, бугарската војска што вршеше блокада, дојде во дворот од куќата. Дедото ги послужи прво со ракија, околу дворниот бунар. Од кога се испи ракијата заедно и ручаја.
Бугарската полиција после извесно време дојде да врши претрес, пред да влезат во визбата, мене ме пуштија како мало дете од пет години да одам напред и бугарската полиција одеше по мене, за да видат дали некој криеме. Се качивме на спратот (приземје) и извршија целосен претрес. Мојата мајка, на полицијата му рече дека јас сум еврејче (бидејќи јас лицето на имав мали пеѓи, бев плав): ”Ете едно мало еврејче”. Бугарската полиција рече дека јас не сум еврејче. Кога се качија на спратот и влегоја во спалната на мајка ми и татко ми. Барајќи евреи, проверија и во гардeробот, каде мојата мајка чуваше и накит, значи бараја во кутивче кај што се чува накит.
Од кога не најдоа евреи и не го најдоа накитот на спратот, побараја да се качат на таванот (чатијата) од куќата. Бараја скала. Мојте родители беа слободни и одма побараја скала за да се качат на таван. Еден се качи горе на скалата и со батерија провери дали има некој на таванот. Не најдоа никој слегоја и си отидоја.
После ослободувањето на градот Битола, Вител и Сара Фараџи, дојдоа во Битола. Од кај Саат Кулата, према Широк Сокак, поминаја покрај Бата, покрај Католичката Црква до фурната Паско, каде се сретнаа со Доктор Абраванел по потекло Евреин, кој живееше на улица Рузвелтова. Докторот ги повика на кафе, бидејќи се познаваа како евреи. Тие му одговорија ние ќе одиме кај брат ми Таки Мумџијата. Абраванел се зачуди, за кој човек се работи и на Вител му рекол:” Кој ти е брат тебе тука?”. И Вител му рече дека него му е брат Таку Мумџијата кој го спаси од бугарската војска. Потоа тие дојдоа кај мојот дедо.
Од кога дојдоа во Битола, тогаш разбрав од Вител и Сара, татко ми Ванѓел – Ѓуше, мајка ми Марика и дедо ми Таки, дека од мојата фамилија беа спасени четворица евреи во нашата куќа на Маркс и Енгелс, од кои со пајтон беа префрлени на грчка територија со партизанските единици. Од кои само Вител и Сара се вратија во Битола.
Во тие разговори разбрав кога отидоја горе на таванот да ги бараат бугарските војници, дека тие беа сместени дијагонално од баџата, а до местото кај што беа оделе покрај зидот, за да не се скинат пајажините на таванот. Затоа бугарската полиција кога бараше не ги најде дека пајажините не беа скинати.
Евреите лежеа на штици од леб на таванот.
После завршувањето на блокадата, вечерта беа префрлени во плевната и на 12 март ноќта со пајтон беа префрлени четворицата евреи на грчка територија.
Долго време од кога заминаја за градот Хаифа во Израел, требаше мојата мајка за луѓето кои имаат спасенo Евреи да оди да ги посети, но таа не отиде.
Долго време додека беа живи Вител и Сара се допишувавме и кои многу работи ни имаа пуштено по пошта за спомен.
На Вител и Сара, синот кој што имаше земено за жена македонка (земени после ослободувањето), дојде да не посети.”
Мумџија значи свеќар. Таки Мумџијата, значи Таки свеќарот.

Петар Ивановски

Фото непознат автор