Некогашниот битолчанец бил секогаш стросан, фодул! Не кабадаиа, кабадаите се површни и празни. Овој е тежок човек,човек што мисли и се држи исправено гордо! Секогаш стросан и дотеран во костум, но не костум конфекциски, тоа не доаѓа во предвид, туку сошиен по мерка кај шивач и чевли лаковани… Кога тие отпаднаа од мода можи било какви чевли со друг дезен само морале да бидат светнати како да се лаковани.

А и самиот тој да е чевлар, кондураџија, не е чевлар, со завршување на работата си ги мие рацете, ја фрла футата, си го става костумот, вратоврската и одма станува господин со висока свест и достоинство.
Со жената “алабрацета” одат по визити дотерани и високи по стас. Косата залижана, навечер ја стегаат со мрежа. Имаат прекар Бамбаш. Или ако се куси Тирка, не Сотка, Сотка е прилепчанец и пие газоза. Тирка е битолчанец и е кондураџија и пие бира, може да е ќељав и две влакна да има пак на патец ќе ги чешла. Во тоа било достоинството косата на патец да се чешла…

Извадок од книгата Битолски триод на писателот Владимир Костов