Развиената рурална населба Цапари се наоѓа во југоисточниот дел на Цапарско Поле, под североисточниот разгранок на Баба планина. Селото е планинско, сместено на 1005 м надморска височина. Од Битола е оддалечено 15 км. Од Пелистер минува бистрата Цапарска река која во Цапарското Поле се влева во реката Шемница. Според една легенда името на селото произлегло поради одгледување на голем број кози, жителите кон нив се обраќале со специфичен извик цап и подоцна околните села нив ги именувале со цапарци, а нивното село Цапари.

    Во повоениот период (50-тите години од 20 век) во селото имало играорна група, хор, спортски дружини (екипи и тимови), кои се натпреварувале со тимови од помали градски населби во Р Македонија.

 Максималниот број население го достигнува во 1953 г. кога имало 1 809 жители. Во многу градови во САД, Австралија и Канада постојат , т.н. Цапарски друштва, формирани од иселеници кои го негуваат македонскиот фолклор и етнологија. 
Цапари во 1961 г. била голема населба којашто броела 1 618 жители, а во 2002 г. се намалила на 493 жители. Најмногу иселеници има во Битола, Скопје, Охрид, Прилеп, Европа, во прекуокеанските земји, во САД (прв иселеник е регистриран во 1895 г.), Канада, Австралија ( се смета дека првиот цапарчанец стапнал на австралиско тло во 1920 г.). Доколку сите би се вратиле, селото би имало над 5 000 жители.

 Слава на селото е Св. Петка, на 8 август. Исто така, како туристичка атракција секоја година за Василица (14 јануари) традиционално се одржува „Цапарскиот карневал под маски“.

Повеќе инфо и фотографии од Цапари на следниот линк :

http://mojrodenkraj.mk/village.php?id=176