cof

Неколку од куќите во Битола кои покрај својата грандиозност и убавина со себе ја чуваат и нивната приказна. Нејзиното опстојување скоро цел век и градското живеење на големите и познати битолски фамилии. Таа приказна ја преставува  и нивната душа. Како една од тие големи битолски куќи за која треба да се раскажува е куќата на Чекутка. Куќата била започната да се гради во 1923 г. од страна на Илија Чекутка. Таа уште во тоа време била електрифицирана, дури имало ѕвонче и на портата. Во состав на куќата имало и фурна и дуќан на аголот. Чекутковци имаа голема кафана која била на просторот на денешната кафана на пензионерите, кај кулата. Задругата Чекуткови се занимавала со трговија, бавчанџилок, но најпознати биле како винари. За доброто вино има оставено и сведоштво во песна, опеана од млад ранет комита, кој го криеле во куќата…

” – Сакам мајко да си умрам Генимале, кај Чекутка во визбата, со главата крај бочвата, со устето под чепчето, што ќе капи на земјата-нека капи во устата, суво грло да накваси.”

Куќата на Чекутковци во Гинимаале

Во тоа време била една од најголемите куќи во Гинимале, па генималци ја викале Гимназијата на Чекутка.
Куќата има два дела со посебни влезови, припаѓала на браќата Чекуткови Вангел и Илија, додека просторот каде денес е кафаната кај пензионерите и дел од паркингот на зградата-била кафаната на Чекуткови, која имала голем двор и визба .

Кафаната била слична градба како дуќанот во уличето кај Ајчо, сега е дуќан за завеси и теписи. Само била многу поголема околу 160м2 и двор 100м2.
Куќата била богато опремена, со убава покуќнина и намештај, како и стари грамофони. Имало радио, на кое за време на отпорот, во партизанлукот, во визбата слушале радио Лондон. Интересна работа се случуваше во кафаната на Чекутковци, каде откако ќе се поднапиеле војниците скришно и им го земале оружјето.
Но за жал, целиот имот, му бил запленет и национализиран 1947 година, а дел покасно. Беше национализирана и голема површина на земја, кои беа бавчи и лозја.
По сеќавањата и раскажувањата на Димитар Чекутка, кога дошле да му го конфискуваат имотот од куќата, дошле војници со пушки. Куќата била комплетно испразнета, дури и лустерите биле откорнати, а и целата покуќнина им била одземена. Војниците слегувале дури и во бунарите да видат дали има скриено злато. Димитар во моментот се враќал од градење како акцијаш каде помагал за изградба на пруга. Комшиите погоре го задржувале за да не ги види војниците.

Кога стигнал до куќата видол се откорнато и извадено. Откорнати беа дури и патосите од скалите заедно со нивната ограда. На дел од работите, му најдоа место во државни установи, како на пример завесите, кои до 70те години беа во општинската сала која се користеше како матично одделение за регистрација. Поголемиот дел отиде во приватни домови од стоечки сатови кои беа големи колку ормари, до зидни сатови, намештај и сл. Димитар го знаел и човекот кој радиото и грамофоните си ги однесол дома, но никогаш не го кажал на неговите поколенија. Не го кажал бидејќи сакал да си го задржи мирот во својата фамилија.

Куќата била назначена за шапкарница. Во неа правеја шапки. Чекутковци некако успеаја во неа да се вратат и повторно да живеат во неа. Димитар и неговиот брат биле сите собрани, како фамилии, во по една соба, а останатите општината ги издавала под кирија .

Илија Чекутков со неговата фамилија

Иначе Илија бил традиционален човек. Гинималци се познати по коледарските огнови. Во тоа време било забрането да се палат огнови, Илија ги собрал генималци од улицата и запалил оган во дворот. Подоцна дошла полиција и го привела. Димитар и Вангел  мораа да си го сменат презимето, пошто беа обележени за цел живот и како такви не можеа да напредуваат во службата, посебно Димитар кој бил инжињер агроном…

Од приказната не сменивме ништо. Ви ја преставивме исто така како нас што ни беше раскажана. Нека остани меѓу нас уште една, во исто време колку убава, толку и тажна приказна меѓу нас битолчани прераскажана …

Сеќавања и раскажувања на Мери Чекуткова-Димовска-Решњак на која и искажуваме јавна благодарност за нејзината искреност и доверба како и на нејзината фамилија…