Наутро станувам порано кога сакам во некое анче да каснам слатка чкембе-чорба. Јадам и се потсетувам на некогашната чкембарска Битола. Се потсетувам на онаа Битола кога онде кај Ленски Мост, или кај погорниот, или кај подолниот , мост или на ова, или на она ќоше добрите готвачи на улица на сиот глас ги нудеа своите чкембенца, цревциња, џигерчиња . . . Малку леб, малку буковска пипер и мешето на сиромавиот беше полно. Чкембаџиите денес не се вредни, па затоа ги нема иако има сиромаси.

Jадам и се потсетувам. Една песна се пееше дека се живее по битолските меани. Се знаеше кој во која меана оди, се знаеше кој на каков стол седи, кој што пие, кој што плаќа и кој кого го послужува. Денес ги нема тие меани. Во овие сегашниве не се знае ни кој каде седи, ни кој што пие, ни кој што плаќа, и кој кого го послужува.

Се  потсетувам. Чаршијата Ах, чаршијата. Беше тоа чаршија. Сега имаме плоштад, имаме широки улици (неколку), имаме. . . а чаршија немаме. Додуша има нешто од  дека тоа што останало не вреди, па утре ништо не ќе остане. 

Јадам. Јени-маале имаше свое сретсело. Арнаут-мале паркот Синанбени. Баиро Тепсијата. . . Широк-сокак . . . Денеска Јени-маале е без сретсело, Арнаут-маале без Синанбени, Баиро без Тепсијата… 

Широк-сокак тесен. . . 
Јадам. Битола и Ат-пазар и песна за Турунџе, Ат-пазар е преместен, а Турунџе на една спомен-плоча на четирикатница. Прекрасната четирикатница токму тука требаше да биде. 

Се сеќавам . . .

Ех, пуста чкембе-чорбо. Кој вчера те готвеше кој денеска те јаде.”
Текст на Кољо Битољо во забавната рубрика на “Битолски весник” напишан далечната 1970,71 година. 

Фото : непознат извор