Во битолско, над село Буково се наоѓа село Ореово. Селото е познато по Дупен Камен, голема карпа за која се верува дека има лековита моќ.

На сред село има црква, а десно од црквата има мала, тесна патека обрасната со висока трева. Патеката води нагоре до патот за Дупен Камен. Патот е тесен и каллив, но прооден. По околу 1 час пешачење, од левата страна се наѕира карпата. Штом ќе ја видите, скршнете од патот и спуштете се надолу, кон реката. Преминете го мостот и веднаш над вас е Дупен Камен.

Карпата има тесен отвор низ кој треба да се спуштите надолу со јаже. Воопшто не е опасно, само убаво врзете го јажето за некое дрво. Покрај јажето, со себе носете и свеќи, бидејќи во карпата има икона од Свети Ѓорѓија. Спуштете се до иконата, запалете свеќа, замислете си желба и земете си камче.

Според верувањето, Дупен Камен има лековита моќ од Ѓурѓовден до Спасовден и им помага на брачните парови кои немаат деца.
Недопрената природа, реката и планината воодушевуваат со својата убавина, а самата карпа зрачи со посебна енергија.
Среќен пат и нека ви се исполнат сите желби!

Елена Стојановска Мој Портал