Присуството на народната драма  во бабарските игри, најзаокружено функционира од самиот почеток на нејзината подготовка: „Во едно место, во Битола на битолскиот баир, се собира една тајфа-дружина од 30-50 души кои знаат поубаво да се шегуваат т.е. кои имаат дарба за таа работа. Тие се собираа одвечер, најчесто спроти Стара Нова година. Од тајфата се избираат неколку групи по четворица најдобри „маскирџии“, т.е. луѓе кои имаат смисла за хумор. 

Бабари, Битола 2018 г.

Меѓу нив се избираат „двајца старци“ и „две жени“ — невеста и орвана, односно двајца помлади мажи кои ќе ги изведуваат овие улоги. Другите играчи претставуваат деца или војска. Откако ќе се определат улогите на четворицата главни играчи, се облекуваат во специјална бабарска облека: старците во постарска машка облека искитени со разни ѕвонци и клопотарци, невестата и орваната во женска — невестинска и постарска женска носија. Бабарите — старците за да изгледаат што пострашни и смешни се маскираат во грбави и грозни луѓе. По лицето се исцртуваат со „црновина“. Си ставаат мустаќи и брада т.е. перика од коноп. Се облекуваат во стари алишта и тоа поискинати. Околу појасот обесуваат ремен или врвка прикачувајќи клопотарци и ѕвонци и ставајќи слама за да изгледаат грбави. На појасот ставаат уште и некое дрво што им служи наместо шупелка или пиштол. Во рацете држат кросно или патерици за чукање по куќите при бабарењето. Најчесто се свири на кавал или шупелка,  удираат тапани и тенеќе или дајре. Доаѓањето на бабарите се слуша оддалеку бидејќи тие прават голема врева.  Во народот се верува дека доколку две бабарски групи се сретнат една со друга тоа носи несреќа и меѓусебно физички се пресметуваат едни со други. Очигледно е дека се работи за стари пагански обичаи за бркање демони кои подоцна до извесен степен примиле и некои други елементи.