Некогашните фурни на Насте и Богоја преживеаја повеќе од 120 години и останаа како препознатлив топоним за еден дел од градот Битола викан како ЧИФТЕ (арх.чиф: две, дупло, двојно) ФУРНИ.

Едната од тие фурни имала дури и подно греење во тогашно време. Местото од каде со топло и пресно лепче, симитче,се “ранеја” подолго време битолчаните од околните куќи и населби.

Место каде според познатата народна песна “Фодул Лазо”-Димче Могилчето со револвер го убива Шефкија Ага…

Фурните каде ценетите битолчанки носеа лебови кои беа дома месени и за една недела 7-10 леба да ги испечи фурнаџијата, носеле зелници, тави со манџи и друго бидејќи дома немало големи релни. А симитчињата и други пецива во тоа време биле споредна работа на тие фурни, нив ги продавале на пазар и по улици.

“Фурната на дедо ми Насте ја турнаја за да помини бродот на Тито што го носеа во Охрид, а дедо ми Насте почина само две недели откако му ја турнаја фурната” раскажа битолчанката Зорица Ивановска…

“Не само зелници, мазници, лебови, тави со јадење, туку се носеа и земјени грниња со чкембе чорба. Навечер ги носевме, а на сабајле доручекот ни беше готов”… раскажуваат битолчани…

Чифте фурни го добиваат името по двете фурни. Едната сега каде што се наоѓа продавницата за велосипеди е фурната на Богоја и отспротива сега каде е празно Фурната на Насте. Десно од фурната на Богоја беше продавница за колонијал, а одма зад аголот на оваа продавница имало јавна чешма од каде се снабдуваа со вода сите околни улици.

Чифте Фурни и ден денес меѓу поновите генерации битолчани го задржа своето име и место како познат битолски топоним. Се уште не потсетува на врвулица од народ кои си земаа топли лепчиња и ги носеа во своите домови.

старите слики се фотографии од Д.Д.ТАКЕЦ од книгата “Перформансите на Широк Сокак”

1 COMMENT

  1. Jas sum roden vo levata kuća. Od Bogoja Ristevski…vnuk. Preseleni sme vo Banat I je nastavifme pekarskata tradicija . I sin mi e pekar…sedma generacija. I ovde sme poznata pekarska familija

Leave a Reply