Црквата посветена на св. Јован Богослов во дворот на старата зграда на Богословијата постоела се до 1976 година, кога е срушена заради спроведувањето на новиот урбанистички план и на новите сообраќајници во градот Битола.(м.в. Стара Болница)

Притоа, црквата е срушена без претходно да биде направена техничка документација за неа, така да единствени информации и сознанија можеме да стекнеме само од неколкуте фотографии кои се чуваат во фототеката на Градскиот завод за заштита на спомениците на култура Музеј во Битола, од каде се превземени и вметнати во овој труд. 

Од пишаните информации во литературата, дознаваме дека: “„На 3 јануари 1938 година, Епископот охридско-битолски и жички Господинот Николај, извршил со битолското свештенство свечено осветување на новоподигнатата црква Св. Јован во дворот на Богословијата. Ова била првата и единствена црква во Битола посветена на Св.Јован.

Врз основа на сочуваните фотографии, може да се согледа дека се работи за интересна градба со централна октагонална купола на квадратен тамбур. Околу објектот биле изведени тремови од три страни освен од источната, која е дефинирана со исфрлање на олтарната апсида на која се наоѓа единечен четворолисен прозорец за осветлување на олтарниот простор.

Покривањето на целиот објект било извршено со керамида. Нагласувањето на влезната западна фасада е изведено со исфрлање на тремот со три арки над кои се наоѓал натпис. 

 

 Начинот на кој се обликувани столбовите и капителите од тремот е многу интересен затоа што се работи за геометризирани и стилизирани форми. Во внатрешноста на објектот, столбовите завршувале со развиен капител и со дрвени затеги низ целиот објект заради конструктивно укрутување. Во централната купола била изведена рамна дрвена таваница обработена во геометриски полиња со вметнување на елементи од боено дрво.

Од овие податоци можеме да заклучиме дека се работи за интересен објект во кој се вкрстиле традиционалните градителски искуства неприметно низ употребата на развиени тремови со лачни отвори, комбинирано со концептот на централна градба со голема централна купола. Со овие специфики, овој објект се приближува кон стилските определби на фолклоризмот во архитектурата, кој го застанува концептот на чиста, геометризирана и безорнаментална фасада, што на специфичен начин ја нагласува интегралноста на фасадните волумени на објектите. Во периодот меѓу двете светски војни, овие определби на одреден начин ке бидат афирмирани и во доменот на профаната градска архитектура. 

Дрвената таваница од самата црква

Фотографии од Музеј Битола

Текст од книгата Црквите во Македонија, автор непознат бидејќи така го добивме и текстот

Благодарност до Јовица

Leave a Reply