Емануела, Емануела. . . Далдисале луѓето по Емануела. Сите сакаат да ја видат Емануела, таа фамозна убава жена од истоимениот филм што се прикажуваше деновиве во киносалата „Трудбеник“. Минуваат луѓето покрај киното, се загледуваат во витрината со фотографии на кои се прикажани одделни сцени од филмот, остануваат загледани. . . Некои повозрасни, во години, не сакајќи многу да се изложат, само ќе поминат два-три пати горе-долу и ќе фрлат поглед чиниш со едното крајче од окото. Ама никој не може да одолее на искушението да го види тоа чудо “Емануела” која, чиниш, завладеала со срцето и умот особено на младите. На рекламниот плакат пишува „Емануела“, најеротскиот филм на сите времиња…“ Опа, ова мора да се види, да не се пропушти.

Старата сала на кино “Трудбеник”

Уште во 16 часот пред киното „Трудбеник“ се собира голема маса луѓе, претежно млади. Сите сакаат да дојдат до карта, а карти нема, се распродале. Гужва, нервоза, туркање, а картите за претставата што почнува во 17 часот-можат да се добијат само од тапкарите… Нудат тие по пет, по осум, по десет карти…

„Ајде, народе, кој нема карта нека се јави овде“, викаат двајца тапкари со задоволен израз на лицата. Сигурно и се благодарни на кутрата Емануела која, благодарение на своето звучно име и на своето убаво тело, им овозможи да направат убав бизнис…

„Ајде две илјади поскапо отколку што е на каса“.

Им приоѓа едно детиште од дванаесет-тринаесет години.

„Ајде, детенце, ајде повели, за тебе малку ќе попуштиме“, се подбива со него тапкарот. „Две илјади е на каса, а тебе ќе ти земам само илјада повеќе. Инаку, нема да ја гледаш Емануела“.
„Многу скапо барате, имам само две илјади, одвај ги исчепкав од дома“, му вели детиштето на тапкарот.
„Ајде давај три илјади. Што се денес три илјади. За толку малку пари имаш прилика, златен, да научиш триста работи од тетка ти Емануела. Сексуално да се воспиташ. . .
Детиштето виде-не виде му даде три илјади и ја зеде картата. Дотрчаа уште три деца уште помали од него.
„Колку ги даваш картите, чичко“, прашуваат.
„За вас, на попуст, три илјади.
Ајде, не мислете се. Уката што ќе ја добиете вреди повеќе“. Децата ги зедоа картите и плаќаат.
На тапкарот му приогаат зад грб црномурести Роми со насмеани лица. “Другар, можи и за нас на попуст “, го прашува тапкарот едниот од нив…

“За вас нема попуст“ рече тапкарот. “Имате пари!“.

Постариот, крупен некој Ром со масивни мустаќи, прави љубезно за лице и му вели на тапкарот:
„Абе, жими децата, ти велам ич амалок не падна, динар не фативме. Не изеде зимава. Ај, попушти малку ако си од мајка роден. Треба нешто да се однеси и дома. В топ ќе ме пикни кумашинката“.
Видоа-не видоа платија по три илјади за картите. По некое време почна претставата. Уште во почетокот Емануела се потруди да ги увери сите дека не дошле за џабе. Има што да видат. Емануела нема ни страв ни срам. Ги покажува сите можни  сексуални изопачености, не одбира ни мажи ни жени. Мажот и дава потполна слобода, свесно ја подведува на други.

Добар дел од младата публика вулгарните сцени ги дожувува уште со повеќе вулгарни досетки. Просто ја тера Емануела да покаже уште нешто од својот „репертоар”. Добива аплаузи на отворена сцена.

Завршува, најпосле “најеротскиот филм на сите времиња“. Пред влезот на киното нестрпливо чека нова публика…
В.Д. “Битолски весник” почеток на 80тите

Leave a Reply