Животот пишува романи, но и новокомпонирани песни, како што е „Пусти мерак Ратке“ испеана за првпат 1999 г. која е една од ретките што се обнароди, а е напишана за вистинската животна приказна на 70 годишната битолчанка Ратка Колевска.
Од памтивек во Битола се нижеле серенади како бисери,се испеале песни за многу битолчанки, но неколкуостанаа бесмртни. На антологиските ликови воспеаниво минатото, Мариче, Стојне, Донке, им се придружува и битолчанката Ратка. За 72 годишната Ратка Колевска пред 11 години беше напишана и испеана песната „Пусти мерак Ратке“, која не само што доживее популарност туку стана една од ретките обнародени новокомпонирани песни. Ја напиша Боби Поповски за фестивалот „Серенада на Широк сокак“ во 1999 година.Денес меракот за Ратка е неодминлив дел од музичкиот репертоар на седенките, на забавите се пее по три-четири пати во една ноќ, стана хит и во други градови, а ретко кој знае дека е испеана по вистинска животна приказна. Личната Ратка, во која на младост се вљубил битолски ерген, но не успеал да се ожени со неа, а меракот останал до последниот здив, живее скромен старечки живот со спомените во едно битолско маало. 

Иако жена во години, се препознаваат симпатичните црти, затегнатата кожа, убавите очи кои кријат голема болка. Солзи потекуваат кога ќе го слушне рефренот„Пијан да бев ќе се отрезнев, болен да бев јас ќе оздравев, ама пусти мерак Ратке по тебе никако да помине“. 

Беше тоа во далечната 1952 година. Имав 17 години, а запознав градско момче, две години постаро од мене, работеше во „Фрижидери“. Излегувавме две години, а потоа се скаравме за некоја работа и кај мене преовлада инаетот. Една недела не зборувавме, а во тоа време случајно го запознав идниот сопруг и со него прошетав низ корзо, а овој беше седнат пред кафеаната „Централ“ (денешен „Епинал“) и ме следеше со погледот. 

Пушти два-три пати абер да се смириме, но јас реков не. Се свршив за три недели, си реков дека на мое ќе биде, нека боли, уште боли, ќе боли додека умрам -раскажува Ратка. 

Овие случки се опишани и во песната која вели: „Со него кога минуваш глава си наведнувам, добро вечер ти ми велиш и заминуваш, а јас отруен продолжувам“. Ратка се омажила за четири месеци, по што според раскажувањата на дел од битолчани, момчето се поболило и извесен период лежело во болница, поради што во песната се вели дека болен да бил ќе се излечел,но не и од меракот. Откако го дала зборот за друг, се изгубиле контактите со нејзината младешка љубов. Го почитувала сопругот, му родила ќерка и му останала верна целиот живот, била домаќинка. Сепак, спомените останале и во еден поемотивен момент од нејзиниот живот, приказната ~ ja раскажала на снаата од брат во присуство на внукот,кој имал само 12 години. Зборовите се врежале во меморијата на момчето. Откако пораснало, почнало да се занимава со музика, по игра на случајноста заминало во Австралија, каде што пред единаесет години ја напишало песната „Пусти мерак Ратке“, посветувајќи ја на тетка си. 

Песната ја напиша внук ми Боби Поповски. Роднини ми ја донесоа да ја слушнам, неубаво ми дојде и срцето фати силно да ми работи. Ми прашаа: „Не сфаќаш за кој е?“ Знам, ама не ми беше згодно да кажам. Откако заминаа, се изнаплакав. На фестивалот „Серенада на Широк сокак“ја испеа Горан Тодоровски и доби прво место. Бев таму, се воздржав како зa друг да се пееше. Тешко се чувствувам кога ќе ми ја запеат. Мака ми е и за инаетот, зашто сами се си правиме во животот и потоа жалиме додава Ратка. 

Песната излезе по една година откако ~ починал сопругот, а една година потоа умре и момчето од нејзината младост. Hо останаa стиховите од песната, која завршува со емотивен набој: „Години поминаа, коси побелеа, многу лета Ратке во солзи легнувам, не знам дали ќе се разбудам” 
извор Жанета Здравковска од архивата на Дневник

1 COMMENT

Leave a Reply