За традицијата на Фестивалот на Монодрама од Битола, кој е единствен од ваков тип во земјава, квалитетните актери и претстави кои учествувале, говори изложбата „Низ фотографскиот светоглед“ на битолскиот хроничар, новинар и фотограф Петар Ставрев.

Не случајно годинешниот дваесетти јубилеен фестивал започна токму со оваа изложба и не случајно е поставена во фоајето на Народнио Театар во Битола. Така, таа укажува на важноста на оваа манифестација и нејзиниот раст низ годините, а поради местоположбата изложените постери со фотографии може да ги види секој посетител на Фестивалот.

На постерите поставени се 80 фотографии од 3000 што Ставрев ги направил во изминатите 19 -те години на Монодрама.

Ставрев вели дека поради техниката многу потешко било да се фотографираат првите изданија на овој фестивал, отколку последните.

„Направен е обид да се ретроспектира она што се случуваше во изминатите 19 години. Еуфоријата беше поголема. Сега со техничките можности на апаратите, тие се многу погодни за фотографирање, светлосната јачина е подобрена. Инаку, во првите фестивали беше многу тешко да се слика. Не беше дозволено да се слика со светло, одвај се трудевме нешто да извлечеме од она што се случуваше. Сега можноста е поголема да се долови она што се случува на сцената“, вели Ставрев.

Тој се занимава со фотографија повеќе од 50 години и може да се каже дека ја има најголемата збирка со фотографии од културниот и општествениот живот во Битола направени во изминатите пет децении. Досега има реализирано околу 50 изложби. Ја имаше подготувано и изложбата за десетгодишнината на фестивалот „Браќа Манаки“. Неговите фотографии и написи објавени се во многу публикации и книги.

Извор Апла.мк

Leave a Reply