„Градовите се како луѓето; старите имаат карактер, новите градови се без него” Стагнер

Секој град е посебен на свој начин… Секој град има свој автентичен белег, препознатлив печат, единствен мирис… Рим го има мирисот на борбеноста и вечноста… Лондон го има мирисот на разумот, итрината и влагата… Амстердам го има мирисот на слободата на духот, либералноста и еднаквоста. Секој град е свој на свој начин, незаменлив и остава вечна трага кај посетителите, како во срцето, така и во рецепторите за мирис.

И како секоја бајка што почнува… Во една мала држава, постоеше еден мал град… Град со различни имиња, град каде се менуваше културата, град каде се мешаа културите и религиите, град на различностите, град со посебна „врста“ на народ, град со мирис на зрелост. Битола Бабам Битола.
Низ вековите се среќавала под различни имиња: Манастири, Монастир, Битољ… за денес во 21 век да го  има опеаното име – Битола. Е посебна е оваа моја Битола. Почнувајќи  од нејзината автентична архитектура, на старите градски куќи, со високи чардаци и големи тераси, под кои биле испеани најубавите серенади од младите момци, за своите љубени битолчанки. Секоја стара битолска фамилија, морала да ги следи тогашните високи стандарди на аристократското општество и задолжителна покуќнина бил клавирот, како еден од најпрепознатливите инструменти за Битола. Неибежни за пофалба се и многубројните конзули кои престојуваа во овај град, модерните кочии кои ги развозуваа битолските господа со штотуку „изгланцани“ чевли, прекрасните и софистицирани млади дами кои го посетуваа прочуеното Француско училиште и гордо, со исправена глава поминуваа покрај битолските кабадаи. Да, наделеку познатиот збор, „кабадаја“ – кованица од турските зборови „каба“ – груб и „даха“ – горд, збор кој со надменост и подигната веѓа излегува од секоја битолска уста. Неблагодарно би било да не го споменам и големиот Кемал Мустафа Ататурк, кој токму во овај град ја доживеа својата прва љубов со битолчанката Елена, но и токму тука ги постави темелите на својата идеологија и на неговите идеали. Но покрај сѐ, Битола била и нешто друго, неповторливо и благородно, таа била центар на мултикултура и мултиетништво. Во слога живееле луѓето од сите националности и сите вери, живееле во мир и почит, живееле во разбирање и помагање, живееле во духот на Битола. А за тоа говори и архимандритот Антонин Капусти, кој во 1865 година, напишал дека Битола „е голем град, нов, добро изграден, трговски, но и со различен народ и со многу различни вери“.

Живеела Битола… Дишела со своите луѓе, се радувала на нивните веселби, плачела на нивните разделби… Имала душа оваа Битола!

Но, времињата се менуваат. Ова е 21 век… А во Битола… Па во Битола времето застанува и  дозволува секој прав битолчанец, и денес, на раат и во мир да го испие своето кафе на Широк Сокак. Времето ни дозволува да ги посетиме и старите дуќанџии во една од најстарите македонски чаршии, да го восприемеме повторно мирисот на старата Битола, преку мирисот на печките каде сеуште се кова железо, каде сеуште се печат кикири и леблебии, да го осетеме мирисот на турската баклава и вкусот на бозата која режи во грлото. Повторно времето работи во наша корист, и ни дозволува да направиме долга прошетка по Градскиот парк, чии темели се ставени уште во времето на Отоманската Империја. А таму, носот го преплавуваат мирисите на боровите, елките, липите, мирисот на пресно косената трева и мирисот на утрешниот ручек на станарите на блиските куќи (чкембе чорба на битолски начин!). Времето ни дозволува и да ги посетиме нашите блиски, да седнеме пред нивниот двор, и така, по битолски „да маниме едно кафе“, под што се подразбира јако турско кафе, со јака дневна доза на новини од битолската чаршија (читај: трач).
Секој град е посебен на свој начин. Но Битола… Битола е посебна на секој начин. Но нешто што не се заборава е мирисот на Битола. Тоа е колаж на мирисите, мирисите оставени пред векови назад и мирисите на денешниот ден… Тоа е богатството на овај град, кој не дозволува да биде обземен од туѓи мириси и да го загуби својот препознатлив знак.
Битола пулсира…
„Битола со својата опширност може да се натпреварува со Солун, а пак со чистотата и редот многу го надминува„
Виктор Иванович Григорович, првиот русин што ја посетил Македонија.

Полина Ѓорѓијева

извор www.mojo.mk

Leave a Reply