Сара Ароести (1976) е ладино музичар од Менхетен, со еврејско потекло од Македонија. Таа застанува во првите редови на современата ладино музичка преродба, а нејзината музика често е нарекувана како „феминистички ладино рок.“

Сара израснува во Принстон, Њу Џерси. Нејзините семејни корени можат да се следат во Битола и Солун, каде постоела голема еврејска колонија која речиси била целосно уништена во Холокаустот. Во почетокот на XX век, нејзиното семејство емигрира од Македонија во САД.

Семејството Ароести, кое припаѓа на сефардската група Евреи доселена на Балканот од Иберскиот Полустров кон крајот на XV век, живеело во Битола. Еврејските доселеници во Македонија лесно го научиле јазикот на своите нови соседи и брзо се интегрирале во тогашниот општестевно-политички систем. Меѓу себе Евреите со потекло од Шпанија зборувале ладино или јудео-шпански.

По Првата Светска Војна околу 150 еврејски семејства од Битола се доселуваат во Солун, каде постои добро организирана сафардска општина. Меѓу доселените се наоѓа и семејството Ароести. Во спомен на родното место тие ја изградиле синагогата Ел Кал де Лос Монастирлис во 1928 година. Главен донатор за изградбата на една од најубавите синагоги во Солун, било семејството Ароести. Тој бил единствениот еврејски храм во Солун кој во Втората Светска Војна останал неоштетен, но бил потполно ограбен. Германците однеле се` што било вредно, вклучувајќи ја и богатата библиотека. Во оваа синагога и денес активно се одржуваат служби за членовите на Битолската еврејска заедница.

Откако беше окупиран од страна на Грција, по Балканските и Првата Светска Војни, Солун веќе не беше пристојно место за живеење. Под притисок на грчките власти, од градот се иселуваа Евреите и Македонците, а по Грчко-турската војна во 1922 година секојдневно се населуваа Грци од Мала Азија. Така, голем број еврејски семејства кои за време на војните побараа спас во Солун, сега се упатуваа кон Палестина и САД. Семејството Ароести како своја дестинација ја одбрала Америка и емигрира во САД во триесетите години на XX век.

Сара Силверман родена 1976 година, која по мајка потекнува од семејството Ароести, учи класично оперско пеење во Вестминистерскиот хорски колеџ и на Универзитетот во Јеил. Додека студира со Нико Кастел, таа присуствува на првото изучување на традиционалните Ладино песни на Израелскиот Институт за вокална уметност во 1997 година.

Кон крајот на 90 –тите, Сара работи за Националната фондација за Еврејска култура во Њујорк, каде создава „Нова еврејска музичка инцијатива“. Но, согледувајќи дека постои заживување на Ашкенази клезмер музика, но дека нема слично заживување на Сефардска музика, таа е разочарана. Бидејќи не може да пронајде било каква модерна Ладино музика, таа формира своја Ладино рок група во 2001 година.

Во периодот кога многу малку луѓе играат Ладино музика, за да го привлече вниманието на младите, Сара го прифаќа моминското презиме на мајка си Ароести и истовремено прави преродба на традиционалната музика на нејзините претци во современа Ладино музика.

По протерувањето на Евреите од Шпанија во XV век, Ладино (јудео-шпански) јазикот се развива во зависност од ширењето на еврејскиот народ. Така и Ладино музиката во себе носи музички примеси од културите на различни земји каде шпанските Евреи продолжуваат да живеат. Корените на Ладино јазикот лежат во Кастилскиот шпански и имаат нијанси на Еврејски, Арамејски, Арапски, Турски и други јазици. Од 2012, Ладино јазикот (јудео-шпански), го зборуваат најмалку 100.000 луѓе, од кои најмногу во Израел.

Првите два албуми на Сара Ароести, „A la Una“ (2003) и „Puertas“ (2007), беа првенствено Ладино надградби со сефардски стандарди. Музиката со класични рок инструменти (гитара, бас и тапани), беше опишана како “традиционална Ладино музика, обновена со рок, фанк и џез“.

Третиот албум на Ароесте „Gracia“ (2012), го добива името по Дона Грациа Мендес Наси, Еврејка која во XV век им помага на еврајскиот народ да избегаат од Шпанската инквизиција. За разлика од првите два албуми, многу од песните се оригинални, напишани од Ароесте. Тој е нејзиниот најголем експериментален албум досега, во кој влијанието на Ладино музиката не исчезнува, туку се интегрира во овој жанровски експеримент.

Сара Ароести, чие далечно потекло по мајка е од Македонија, има настапувано низ целиот свет, вклучувајќи го и Балканот. Таа и` даде на Ладино музиката нови модерни димензии, за кои е наречена „Еврејска Шакира“.

Тихомир Каранфилов

На 8ми Септември за прв пат во Битола доаѓа познатата ладино музичарка Сара Ароесте која за наше задоволство во 20.00 ч. ќе биде пристапна за сите нас и ќе одржи мал концерт во малата сала на Домот на Културата. Влезот ќе биде бесплатен.

Повелете драги битолчани…

Leave a Reply