Најголемото богатство за Битола и битолчани ни го подари македонскиот песнопоец Ајри Демировски со создавањето на песната „Битола мој роден крај“. Таа беше прогласена за песна на минатиот век на Битола, а нејзиниот творец Ајри Демировски за прв почесен граѓанин. Демировски почина во 2009 година во Измир, Турција, но срцето како што рече пред смртта му остана во Битола за која и ја напиша својата најубава песна. Додека беше жив при една од последните посети на родниот крај, ни раскажа како ја напишал култната песна која Битола ја прослави во целиот свет.

„Во 1944 година додека го учев графичкиот занает во Графичката школа во Загреб, едно утро ме фати носталгија за Битола. Времето беше тмурно, па се сетив на сончевиот југ. Како од душа ми потекоа стиховите и за неколку минути ги напишав. Песната ја изведов пред битолската јавност во 1950 година на една градска свеченост пред Народниот театар. Народот ја прифати и запеа со мене“, раскажуваше Ајри.

Тој во песната вели „многу градови, села пројдов, како тебе мил за мене нигде не најдов“. Демировски на животи замеруваше што музичарите во обид да ја скратат песната ја скокаа третата строфа. Токму за неа велеше дека го отсликува неговиот живот. Во неа се вели „уште како дете одев по тебе и бос, сега сум пораснат не сум ти ни гост.“

Демировски со семејството замина за Турција во педесеттите години. Остатокот од животот го помина далеку од Битола и со голем копнеж да поживее уште некоја година и пак да го види Широк сокак, Тумбе-кафе, чаршијата, дуќанот каде што го учеше берберскиот занает. Споменот за Ајри и неговата „Битола мој роден крај“ никогаш не ќе се заборават во Битола. И градскиот часовник во 12 часот со таа песна го означува пладнето во Битола.
Текст Жанета Здравковска

Фото Непознат извор

Leave a Reply