Bitola, Macedonia

Кој конзули, какви клавири, кој црни камења ај нека не ве лажат уште комунистите! Порано во Битола луѓето да простите клозет имаа во дворот, а куќите ги праеа од кал. Ама затоа, Битола си беше и си остана позната по кафаните и нивните помали браќа, кафичите, инаку на овие простори родени при крајот на осумдесетите години од дваесетиот век.
Авторот во соработка со тимот на НАУ4И! се даде во истражувачко новинарство, а се со цел да ги истражи локалитетите на кои што се забавува иднината & младината на најградскиот град. Нормално некои локалитети се истражени врз основа на усни преданија (при што се користени луѓе од поверење), оти не можеме да стигнеме насекаде. Ем се нема пари, ем во секој кафич да пиеш по една пијачка, зелка ќе се напрајш. Е сега, со овој проект не можевме да опфатиме се, ама богами подзафативме многу.

Одиме со ред. За да нема лутење, оти овај е прв, овај втор, се решивме да почнеме од долу нагоре, значи од градската фонтана.

ФОНТАНА:
Ко ќе се земи во предвид колку е грда, ич не ми е јасно како привлекувала и привлекува толку многу млади луѓе во многуте лета од градската историја. Како можни одговори, на ум ми паѓаат неколку причини:

1) Исконската потреба на човекот да биде близу до водата. Без последно именуваната, како што не заучија по предметот ЗПО, едноставно нема живот.
2) Секогаш некој може да се испијани и на општо задоволство на присутните сеирџии да влези во фонтатната полна со вода.
3) Фонтаната може да служи како простор за тепачки, а учесниците скраја да е, може и да си акнат и по некое парче мермер од главата,.
4) Романтичен сегмент – фонтаната е супститот за езеро или море, па секогаш е добра локација за комбинацијата дечко и девојка.

Шемата е на фонтана да се оди подоцна, на пример накај 11 – 12 ноќе, но и ако одите порано не е грев. Најмногу се пие скопско во лименки или некое џамбо пластично пакување на пиво, купено од бутките во паркот.

Барем еднаш останете до кај три – четири на сабајле, за како што се вели, да му го удрите клучот на фонтаната.

КАФАНА ЈАГОДА
Ретро шема. Времето застанало во осумдесетите, а она типче што ја напиша ФИЛТЕР ЈУГОСЛАВИЈА гарант овде иди секој ден. Бели филџанчиња со сина трака, а во нив ќе ви турат турско кафе.

Во животот се вреди да се проба барем еднаш. Уживајте во звуците на македонскиот фолк мелос.

ХАРД РОК КАФЕ
Неофицијален храм на металот. Помеѓу народот уште познато како кај Оризо. Ако сте поштовател на хеви – метал звуците, ич не му се думајте, ова е вашето место. Пивото е ефтино и ладно, а кафе се прај и по ноќе.

Љубезниот домаќин, Сашо Борисовски – Зевс фронтмен на бендот Медуза, може на телевизорот да ви пушти и некоја од своите ТВ емисии посветени на метал музиката. Ако е расположен ќе ви го поклони и најновото ЦД од Медуза.

ТАЈМ
Има место и во сабота на поручек, кога на Широк Сокак е дигна од народ.

Навечер се тераат свирки од ex – yu поп сцената, Хари – Мати Хари, Црвена јабука и слично. Одат во комбинација со современото македонско забавно.

БУРЕ
Место за јадење. Буре најмногу одговара на реченицата која што ја слушаме секогаш кога на телевизија се рекламира некој ресторан – добра храна, цени прифатливи за сечиј џеб!

Каснете сирење во фурна. Бареме еден ден во неделата одете со пријателите (без жената или девојката) на салата и ракија.

СОЛАРИС
Добро средно место, одлично за денско кафе.

На ѕидовите има испишано мудри мисли на латински, што ја потврдува наклонетоста на битолчани кон висока култура и енциклопедиско образование, иако малкумина од нив го разбираат овој одамна изумрен јазик.

ПАЈТОН
Го бие глас на елитна кафана. Веројатно затоа што се е малку поскапичко.
Дење се збора за одмор во Грција ( јзк! ), бизниси, неодманешните патувања во белиот свет…
Персоналот е петка, а услугата за мерак!

ДЕЕП

Отворен некаде во 1999, замислен како конкуренција на тогашниот Висаж. Краток период работеше како видеотека.
Едно време ги познавав сите што одеа таму. Сега некој друг ги познава сите што одат таму. Што би рекол познатиот филозоф Панта Реи, се тече, се се менува. Само стопанот си е ист.

ПОРТА ЏЕЗ
Бившата берберница која што го носеше името на падниот херој за златна слобода Вангел Мајоро, денес е голема џез кафеана. Со затворањето на Вангел Мајоро и отворањето на „Порта” во истиот простор, битолчани ја манифестираа својата желба за фаќање чекор со современиот свет, евро – атлантски интеграции и меѓу планетарна соработка.
И ако сте неупатен во Битола, сигурно знаете, музиката си е спроти името. Иделно за гледање кој поминал – заминал.

ИГУЧИ
Техно, техно! Ама малкумина играат, појќето кулират.

СИМБОЛ
– Научно е докажно дека кој пее – зло не мисли. Одете на караоке и отпуштете се како човек, ич да не ви е гајле што не сте Каролина Гочева..

ИНСТИКТ
Место каде што убо облечени и нашминкани чупиња идат да ги слушаат “Паркети” и “Мемфис Мафија”.

ЛЕКТИРА
Ова е дефинитивно најдоброто место во градот. Штета што Лектира големата (за неупатените тро погоре од Камен мост) затвори, а стопаните се решија да тераат бизнис во Охрид и таму да го шират брендот и здравата навика за читање на книги и во летните месеци. Ова ние од НАУ4И се гребиме, оти можно е сите кафичи да ни забранат пристап (дечки приватна забава), а сепак и ние мора некаде да одиме.

ПАРКОТ
Место каде што се завршува, или сеедно се почнува. Оти, тука некаде или се наоѓате за излегување со девојката, дечкото или пријателите. А пак вечерта ви завршува тука, со пиво во раката или колективно пиење шише со вино. Шо да прам бе, многу сум по филозофијата.

Харис Џиновиќ
(Авторот е познат естраден уметник) Сабота, 26 Јули 2008

Извор: Го ископавме негде по интернето. Недела 08 Јули 2018

Фото насловна Битола Инфо

Leave a Reply