Клик за повеќе инфо

Додека некој пари печалат некаде далеку во странство, други шетат по некои егзотични и невидени места наоколу низ свето ние битолчани сме рајат од такви за нас банални работи кои и многу не ни значат.

Доста ни е едно кафе, цигарчето вуста, лајчето пластично и цел ден мозоко на пасење и убајна ќе си го поминиме. Сонце ако има уште поубо.

А каде ако не на Широката улица.

“Здраво брат, арен?”-поминва Перо “Ако ти кажам, ќе треба да те убијам” ти враќа кабадајски.Хм…

И останваш замислен пет минути…

“Ајде подвижен маркет нема шо нема”-“од Германија, до Америка, Австралија, ја бите Франкфурт, Копенхаген, Сиднеј, Њујорк, бујрумте свежа роба” вика Свежио, на Обама внуко.

“Добровечер господине” ти вика Идриз а ти се чудиш шо е работата оти дење е “Ќе ми напрајш една банка, ајде те молам, жити децата” ти подава сончоглед во ќуљавка. Земај банката и терај му велиш, не треба сончогледо, фала, и се паѓаш од смеење.

Ха бе си викаш, чешити, кајма вака сите љуѓе од цела Битола на едно место.

Најпоќе љуѓе има за Нова година и Велигден а најубо е во теко на летото кога сите се дома дојдени од студирање во Скопје, Словенија, Германија па се до иселениците од Америка и Австралија.

Аха. Да. Кафето. Заминафме да од темата.Кај бевме?…

На ка-фе!

На времето рано, рано немаше многу кафеџии, поќето беа низ познатите битолски слаткарници Битола, Пелистер до неа, Ројал потаму. Кафе и мала чаша кисела. Убајни. Уште ден денес го памтам вкусо. Прави љуѓе еснафџии кои му фалат на Широката улица. Насмејани газди кои едвај чекаја да се “чепнат” нешто и да се нашалат на нивна или на наша сметка, чисто другарски.

Па излегоја кафичите низ пазар, па на Корзо кафето се рашири. Доаѓаа од секаде од Прилеп, од Ресен, од Кавадарци и од Скопје. Се чудеја на шемата. “Сите сте на кафе, добро бе оди некој на сколија, оди некој на работа?”…

По неколку години кафе шемата почна и кај нив (нека не се љутат то е то, жива вистина). Битолска работа, шо да Ви прајме, останато од пусто Турско, Битола град над градој беше, а ние си останавме уште мераклии, за дружење, за денгубење, за оговарање и мавање еден опуљ на тие шо ќе поминат. Скенирање од глава до петици.

Денес има неколку тајминзи за пиење кафе. Први кафеџии во Битола групно организирани се таксистите. Тие од 6,7 се почнати на работа и одбираат места каде шо ќе можат и своите возила да си ги паркираат. Пред 8 сато мават кафе тие шо се во 8 и пол на работа, кај 09 мават кафе тие шо работат низ Широк Сокак и понекој другар нивни слободен, летечи. Во 10 сато се местат првите од слободните кафеџии (дембелите) порајат рано, рано ритуало да го напрат. Во единајсет полека идат поспаните од разни делој на градо да фатат маса кои од маса станват кај дванајстипол, таман тогаш доаѓаат средношколците и школките шо му завршија часојте од на сколија заедно со тие од втора смена шо треба во 13.30 ч. да му почнат. Околу 14.00 ч.(во два поручек) на битолската Шанзелизе доаѓаат кој ако не најубајте чупиња од Битолата. Нормално наспани, дуздисани, фризуросани и парфимирани, да светат. Натенане спремани и стегнати доаѓаат со своите другарки лезетски да си направат битолскио ритуал и рајат да го испијат своето дневно кафе. Да ги грабаш и да бегаш… Во 16.30, 17.00 ч. на кафе се оди после работа, афтерворк кофи (after work coffee) нормално со Гоце од работа (познат битолски лик), и веќе кај 18.00 и 19.00 сато се појавуваат фамилијарните кафеџии, заедно со своите деца и колички на кафе и слатко.

Проценката е дека во Битола дено се пијат помеѓу 10.000 и 20.000 кафиња (да не ги рачунаме тие од по кафемати, бензиски, 3 во 1 и на гости кај комшифката) од кои поќе од полојна се пијат на Широк Сокак каде има од 300 до 400 маси со некаде 1200 столчиња.

Легендата вели дека еден битолчанец во теко на цел живот пие скоро 50.000 кафиња и троши исто толку евра за кафе, плус минус.

Во Битола, градот на дембелите, ретко ќе најдите некој кој ќе Ви рече ајде нешто да сработиме. Повеќе ги има од тие “Ајде на кафе, па после лифче да пишиме”.

Битола бабам Битола, таму натенане живот се живее, таму без “НА КАФЕ” не се може…

Leave a Reply