Cé до средината на XIX век битолските Евреи главно живееле во својата населба, од битолчани беше наречена Еврејска маала, која ги опфаќала маалата Лус Куртижус, Ла Калеже (со населбите Буенус Аурес и Бустанику). Маалото Лус Куртижус имало облик на полукруг со влезна порта. Таму живееле околу 100 семејства. Секое семејство (старите, родителите и децата) користеле само по една соба. Во становите се влегувало од улица преку неколку скалила. Под нив се наоѓала визба, која се користела за складиште но и како штала и кокошарник. Во средишниот дел од населбата се наоѓал заеднички бунар а нешто подалеку и заеднички нужник. Всушност, тоа бил остатокот од некогашната Јаудихана односно Голема авлија. 

Во населбата битолските Евреи ги подигнале и своите верски објекти синагоги: Ил кал Арагон, Ил кал ди лус Португезис, овие биле најстарите храмови, а подоцна биле изградени синагогите: Ил кал ди ла Хавра, Ил кал Озердалим, Ил кал Саламон Леви. 
Излегувајќи постепено од својата традиционална населба, битолските Евреи со тек на време оформиле и нова населба, која се наоѓала Од десната страна на реката драгор, на просторот што денес се опфаќа меѓу хотелот Македонија, Поштата, Скршена џамија, хотелот Солун, до малиот дрвен мост кај Општинското собрание. Оваа населба била именувана како ”Ла мале”. 
Со наголемувањето на бројот на жителите Евреи била создадена и трета покомпактна еврејска населба која се протегала на просторот од Маспазар (улиците д-р Рајс и Далматинска) Односно ”Пипер ан” кон североисток со до Бумба маала, односно до табаните наречена ”Ла Табана”.*

 

Дел од еврејското наследство во Битола-куќата на Шимон Аруести


Влезот во куќата на Шимон Аруести

 Оваа куќа се наоѓа во некогашната Ла Табана населба. Изградена во 1922 година од Шимон Аруести, кој со своето семејство ја користеле само во летниот период. 

Шимон заедно со неговата фамилија фотографирани во дворот од семејната куќа

Шимон инаку живеел во една од поголемите куќи во еврејското маало Лус Куртижус кое се наоѓало позади денешниот Дом за Народно здравје или попознат како Уредот. 

Куќата на Шимон Аруести

Во 1943 година, поради лошите политички услови, но и претчуствувајќи го лошиот период за еврејскиот народ во овие предели, Шимон заедно со неговиот брат и неговото семејство со помош на фурнаџијата Темелко се префрлува во Албанија каде престојува до 1948 година. 

Дел од внатрешноста на куќата

Во тој период во оваа куќа не живеел никој. 

Кога Шимон се вратил од Албанија, бидејќи бил без пари и немал за леб одлучил да го продаде цел свој имот и да замини во Ерусалим. Тоа време оваа куќа ја продава на млад брачен пар од Битола кои дотогаш со своите деца живееле под кирија во соседството, Милица и Вангел Алтипармакови. Оваа куќа Милица и Вангел ја платиле во жолтици или попознати како Наполеони. Шимон истите ги ставил во домашно месен и печен леб со цел да не бидат откриени и запленети на границата на тогашна Југославија и успеал во неговата намера.

Милица и Вангел Алтипармакови

Радоста на младиот брачен пар Алтипармакови во ново купената куќа не траела долго бидејќи во 1954 година оваа куќа е национализирана поради тогашниот закон за национализација на имот во Југославија и во истата сопствениците за да останат да живеат морале да плаќаат кирија, а во некои години таа кирија ја делеле и со други кираџии кои доаѓале да живеат од другите делови на Југославија во Битола. 
Тоа траело се до 2007 година кога со Законот за денационализација куќата е вратена повторно во сопственост на Милица Алтипармакова која истата година и починала.

Во куќата е зачувано и дел од еврејското наследство кое Шимон го има оставено заедно со куќата како лустерите и стар ѕиден часовник кои биле дел од истата. 

Исто така зачувана е и внатрешната структура со високи тавани, пармаците, скалите а и дел од надворешната архитектура која во некои делови е оштетена од забот на времето и потребна реставрација.

Заедно со куќата има и голем двор со бунар, камари каде имало најголемо заедничко дружење за време на летниот период, каде се свиреле и пееле ладино песни, се играле ладино-сефардски танци, каде имало забава и смеа која ние битолчани и ден денес ја чуствуваме.**

Текст комбиниран од книгата”Битолските евреи” Ѓ.Цолев* и раскажувањата на сегашниот сопственик Владимир Алтипармаков**