Битолчани се одликуваат со високо културно ниво. Редовно посетуваат културно-уметнички настани и програми. Без разлика кој што работи, во слободно време излегуваа на прошетка, а навечер на корзо во чиста, испеглана, нова облека беа сите и дојди познај кој што е: дали се извалканите занаетчии и работници преку денот или се високи интелектуалци. Жените се носеа по последниот збор на модата. Во битолските домови владееше беспрекорен ред и хигиена. Еднаш неделно, обично во сабота и недела се одеше на бања, а муслиманите имаа дома примитивни бањи. Првиот бојлер во Битола е направен во 1940 година од електричарот Маер. 
Се внимаваше во Битола на изреката: „Види му ги нозете, на пушти го да ти влезе дома“. Секогаш чевлите беа чисти, светнати. Поради тоа почесто се одеше и кај чистачите на чевли, кои најмногу ги имаше на мостот кај безистенот. При одење надвор од дома по прашлива, каллива, валкана улица, преку топлинките и чевлите се обуваа галоши. И нив веќе ги нема. Кога споменав нешто за обушјето, да кажам дека во Битола подарок на невестите им се носеа везани терлаци (влечки). 

Вангел Деребан 1940 г. заедно со двајца другари

Преку конзулатите во Битола најрано навлезе европскиот дух и култура. За тоа зборува и податокот дека по ослободувањето, во 1945 година, во Битола имаше 1200 клавири, т.е. повеќе клавири отколку што имало светилки во 1924. Токму затоа, Битола, покрај „Конзулски град/Град на конзулите“ била именувана и со „Град на клавирите“. Клавирот е поим/симбол на високиот степен на културата не само порано туку и денеска. Кога некои по ослободувањето прашувале со што е значајна Битола, битолчани одговарале: „Со клавири“, на што се потсмевале тие што не можеле да го одгатнат одговорот. 
Што значеше клавирот за битолчанецот најдобро има кажано проф. Илија Милчин во разговорот со писателот Цане Андреевски. Во најкритичните години за животна егзистенција во Битола имаше фамилии „кои буквално страдаа за леб, но кога домаќинот ќе излезеше од дома, немајќи друга работа -ќе седнеше во едно од кафулињата што беа покрај реката Драгор, на тротоарот, во пролет, лето, рана есен, со сламена жирадо шапка, со вратоврска папијонка, бастунче со сребрена дршка, а при сето тоа одвај ако има пари да испие едно кафе. И седи тука со саати, ама од дома пијаното не го продава“ .Од ова фрагментарно искажување на Илија Милчин се гледа не само односот на битолчанецот кон клавирот, туку и неговиот достоинствен, горд лик.

Вангел Деребан “Битола, градот на мојата младост”

Leave a Reply