На местото познато како Раштански Лозја, битолчани го градат објектот посветен на свети архангел Михаил

Битола – Жителите на битолски Баир, во местото познато како Раштански Лозја, со сопствени раце и скромна помош од добронамерници ја градат манстирската црква посветена на свети архангел Михаил. 

Манастирчето „Свети Архангел Михаил“ постои четириесетина години, раскажува Милева Ристевска, жител на битолски Баир и сведок на зачетокот на народното верување дека токму на тоа место треба да постои црковно обележје посветено на овој светец. Чудата на Архангел Михаил, на 19 септември, светиот Архистратиг Михаил, на 21 ноември, празникот меѓу народот познат како зимски Арангел, како и Прочка од пред неколку години, се само дел од празниците кои засега се одбележуваат во оној битолски манастир.

„Се сеќавам добро кога на ова место почнаа да се палат свеќи и тоа да се третира како свето место. Од другата страна имавме лозје, овде имаше еден старец, сопственик на земјиштето. Но, на една жена и’ се сонило нешто што ја натерало секој ден да доаѓа и да пали свеќи на имотот на старецот. Тој си помислил дека некој си поигрува со него. Ама, кога му кажале што е работата, им го оставил нивчето на мештаните и си заминал. Подоцна почнала и изградбата на првото црквиче“, се сеќава Ристевска.
Оттогаш баирчани ја презеле грижата за манастирчето и како што се менувала конфигурацијата на теренот, така растеле и желбите на месното население за изградба на достоинствен храм, посветен на архангел Михаил. 

„Ги знам баирчани кои го градеа црквичето, се’ на рамо носеа. Во најлони ставаа песок, ќерамиди, а во кофи носеа вода за да го подигнат“, раскажува Ристевска. 

Сега, пак, Црковниот одбор со донации од месното население и со помош од мал број битолски фирми се обидува да изгради нова манастирска црква. Донесена е вода и струја до објектот.
„Тоа го правиме по сите канони на МПЦ. Местото е сопственост на манастирот и се’ што правиме е со проект и со надзор. Важно ни е се’ да биде како што треба“, вели Димче Ангелковски, член на Црковниот одбор.
Во иницијативата на Црковниот одбор за изградба на манастирот „Свети архангел Михаил“ како ретко на кое друго место е вклучена и помладата генерација.
„Ние, помладите, сакаме да помогнеме да заживее местото и да добие една друга димензија. Да има проток на луѓе, да биде како место за излет на битолчани, простор каде што ќе најдат мир“, вели Никола Крстевски. 
Манастирот „Свети архангел Михаил“ од неодамна има и нов старешина. Протоереј Борис Тошевски рамо до рамо со месното население работи на што побрза изградба на храмот.
„Со благослов на владиката Петар и со голема помош, особено на баирското население, почнавме со издигање на манастирот во една традиционална градба. Овие луѓе не ме оставаат сам туку секогаш се во потрага по нешто ново, по нови понуди за манастирот. Ги повикуваме сите битолчани, кој колку може да помогне да се спитоми ова место. Да биде едно од најблиските места до градот за излет. Наместо на Широк Сокак луѓето да доѓаат тука, бидејќи убавината на овој манастир е голема. Да не дозволиме да го оставиме недоизграден“, повикува свештеникот Тошевски.
 (А.Б.) Архива Утрински весник 2012 г.

Фото Маријан и Мојроденкрај